Во Македонија се потврдени три нови случаи на западнонилска треска, со што здравствените власти продолжуваат внимателно да ја следат епидемиолошката состојба и да преземаат мерки за спречување на понатамошно ширење на вирусот.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека двајца од пациентите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува на Клиниката за неврологија. Кај пациентот на Неврологија инфекцијата засега е потврдена со еден лабораториски тест, а во тек се дополнителни испитувања за конечна потврда.
Според министерот, кај сите пациенти се спроведуваат повеќе видови лабораториски анализи, вклучително и испитување на ликвор и други биолошки примероци, а паралелно се вршат и епидемиолошки анкети за утврдување на можниот извор на инфекцијата.
Особено значајно е што дел од заболените не патувале надвор од земјата, што укажува дека вирусот циркулира локално. Регистрирани се случаи кај лица од подрачјето на Скопско Поле, додека здравствените служби дополнително го анализираат и случајот поврзан со Велес.
Како дел од превентивните активности, Центарот за јавно здравје – Скопје веќе спроведува дезинсекција во радиус од 200 метри околу домовите на потврдените случаи. Од Министерството за здравство посочуваат дека понатамошните мерки ќе зависат од резултатите од епидемиолошките истражувања и од евентуалната појава на нови случаи, по што ќе се донесе одлука дали ќе има дополнително прскање против комарци.






