Министерот за јавна администрација Горан Минчев најави продолжување на процесот на рационализација на државната администрација преку спојување и укинување на институции чие постоење, според него, не е оправдано.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев рече дека со досегашните измени во Законот за инспекциски надзор веќе се остварени заштеди од околу 300.000 евра преку укинување на функционерски позиции. Тој посочи дека вработените, како стручни јавни службеници, биле преземени, додека биле отстранети позиции кои ги оцени како непотребен трошок.
Следниот чекор, според најавите, е новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа. Решението е поставено на ЕНЕР и доставено до министерствата, а треба попрецизно да ги категоризира државните органи и нивните надлежности. По неговото донесување е најавена анализа на оправданоста на постоењето на институциите.
Минчев наведе дека во државата постојат институции со директор, тројца членови на управен одбор и само еден вработен, кои истовремено извршуваат иста или слична дејност како други установи. Според најавениот модел, по извршената анализа дел од нив би биле споени, со што би се укинале и повеќе директорски и заменички позиции.
За спроведување на реформата ќе биде потребно усогласување на уште 20 до 30 закони. Новиот закон се носи со двотретинско мнозинство, а Минчев најави јавни расправи со политичките партии, невладиниот сектор и експертската јавност. Планот е собраниските процедури да завршат до 31 декември.







