Западна и југозападна Европа до крајот на оваа седмица повторно ќе бидат зафатени од силен топол бран, кој ќе донесе температури значително над просекот за овој период од годината, најавува метеорологот Славчо Попоски.
Во Франција во следните денови температурите на повеќе места ќе надминат 30 степени, додека најизразена жештина се очекува во Шпанија.
Таму температурите до крајот на седмицата во голем дел од земјата ќе надминуваат 35 степени, а локално се очекуваат вредности и до 40 степени.
Топлиот бран ќе биде проследен со претежно сончево и суво време, без позначителни врнежи, што дополнително ќе го продолжи сушниот период во западните и југозападните делови од Европа.
Според моменталните прогнози, промена на временската состојба, со врнежи и пад на температурите, се очекува во текот на следната седмица.






