Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека на 28 октомври ќе биде официјално промовирана националната мобилна супер-апликација „м.Услуги“, а веќе од следниот ден, 29 октомври, граѓаните ќе можат да ја преземат преку Play Store и App Store.
Преку апликацијата граѓаните ќе добијат пристап до електронски документи и повеќе државни услуги директно преку мобилен телефон. Во првата верзија ќе бидат достапни електронската лична карта и возачката дозвола, како и услуги за потврда за стаж и пристап до лични податоци од Централниот регистар на население.
Андоновски нагласи дека дигиталните документи нема да бидат обични фотографии од физичките документи, туку ќе бидат поврзани со безбеден систем за електронска идентификација. На тој начин институциите ќе можат во реално време да ги проверуваат нивната автентичност и валидност.
Проектот е вреден повеќе од 1,5 милиони евра и, според министерот, средствата се обезбедени директно од Европската Унија, без трошок за македонскиот буџет. Во развојот учествувале и Лисабонскиот совет, како и партнери од Полска и Украина.
Користењето на „м.Услуги“ ќе биде бесплатно и незадолжително. Граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат постојните начини за пристап до административните услуги.
Во следните фази е предвидено апликацијата да добие и електронско сандаче, известувања за истекување на важни документи и поедноставен пристап до најчесто користените услуги на институциите.
Како примери за македонското решение, Андоновски ги посочи украинската „Диа“ и полската „mObywatel“.







