Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против жител на Струга и правното лице со кое управувал, поради сомнение дека со даночни злоупотреби го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија за повеќе од 8 милиони денари.
Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство Струга, а лицата се сомничат за сторено кривично дело „Даночно затајување“, согласно член 279 од Кривичниот законик.
Според информациите од Управата за финансиска полиција, првопријавениот С.З., во својство на сопственик и управител на компанијата, со намера да стекне противправна имотна корист за себе и за правното лице, не пријавил и не платил повеќе даночни обврски кои биле законски утврдени.
Во истрагата било утврдено дека трговска стока евидентирана како залиха во фирмата до 31 декември 2025 година, во вкупна вредност од 26.085.138 денари, била неосновано присвоена од страна на пријавениот.
Поради тоа, според надлежните, не бил пресметан, пријавен и платен данок на додадена вредност (ДДВ) во два износи – 4.231.907 денари по даночна стапка од 18 проценти и 128.727 денари по стапка од 5 проценти.
Дополнително, се сомнева дека не бил пресметан и пријавен ниту данокот на личен доход, кој според пресметките изнесува 2.898.059 денари.
Во пријавата се наведува и дека осомничениот не ги прикажал како приход застарените и неплатени обврски во вкупен износ од 8.120.980 денари, кои биле евидентирани во бруто-билансот за 2025 година.
Според Управата за финансиска полиција, станувало збор за обврски кои, согласно Законот за облигационите односи, застаруваат во рок од три години доколку за нив не биле поведени судски постапки за наплата.
Иако бил должен да достави даночен биланс за 2025 година и да ја прикаже даночната обврска, пријавениот воопшто не поднел даночен биланс, ниту пак пресметал, пријавил и платил данок на добивка во износ од 812.098 денари.
Со сите наведени дејствија, според финансиските инспектори, не биле платени законски утврдените даночни обврски, со што бил предизвикан вкупен финансиски минус за државниот буџет од 8.070.791 денари.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуалната кривична одговорност на пријавените лица.








