Македонија денеска ќе ужива во вистинско летно време, но попладнето носи целосен пресврт. Метеоролозите предупредуваат на локална нестабилност, пороен дожд и грмежи во делови од земјата.
Во текот на денот ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност, а температурите ќе достигнат и до 30 степени. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој на одредени места повремено ќе засилува.
Сепак, во попладневните часови атмосферата ќе стане нестабилна, особено во јужните региони. Таму се очекува развој на облаци што ќе донесат краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Слична временска слика ќе има и во Скопје. Главниот град ќе биде сончев и топол, со температура до 29 степени, но и таму попладне се можни локални врнежи и нестабилно време.
Според прогнозите, променливото време ќе продолжи и во текот на работната недела, а најизразена нестабилност се очекува во четврток, кога повторно се најавуваат дожд, грмежи и силен ветер во повеќе делови од земјата.









