На Генералното собрание на Обединетите нации, каде 165 земји гласаа за осуда на американското ембарго врз Куба, Македонија се најде меѓу само седум држави што гласаа против, заедно со САД, Аргентина, Украина и Унгарија. Одлуката предизвика внимание и реакции, бидејќи ова е првпат Македонија да се сврсти на страната што отворено го поддржува американскиот став по ова прашање.
Резолуцијата, иако не е правно обврзувачка, има симболична тежина и традиционално претставува показател за меѓународното расположение кон политиката на Вашингтон. Ембаргото, старо повеќе од 33 години, продолжува да го оптоварува кубанското население, а годинава гласањето се одржа во момент кога Куба е погодена од еден од најсилните урагани во последната деценија – „Мелиса“.
Минатата година, 187 држави гласаа за осудата на ембаргото, а само САД и Израел беа против, со еден воздржан. Оваа година, пак, изненадувачки се зголеми бројот на држави што ја поддржаа американската позиција, меѓу кои и Македонија – потег што експертите го оценуваат како јасен политички сигнал за приближување кон Вашингтон.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез, во интервју за Асошиејтед Прес, обвини дека САД вршеле дипломатски притисок врз повеќе земји, особено во Европа, за да гласаат против резолуцијата.„Слушнавме од бројни влади дека Стејт департментот ги охрабрува земјите да го следат американскиот став“, рече Родригез, оценувајќи ја ситуацијата како пример на политичко влијание врз меѓународниот систем.
Како одговор, портпаролот на Стејт департментот изјави дека „кубанскиот режим не заслужува поддршка од демократските сојузници на Америка“, обвинувајќи ја Хавана дека ја користи резолуцијата како „пропагандна алатка“ за да го одвлече вниманието од сопствените внатрешни репресии и корупција.
На дебатата во ОН, американскиот амбасадор Мајк Валц ја нарече резолуцијата „политички театар“, велејќи дека Куба се претставува како жртва на агресија, додека реално „останува непријател на САД“.„Наместо да го смируваме режимот со гласови на поддршка, треба да му испратиме порака дека не може вечно да ги обвинува САД за своите економски неуспеси“, изјави Валц.
Кубанскиот министер Родригез остро реагираше на неговите зборови, нарекувајќи ги „груби и нецивилизирани“, и му одговори:„Господине Валц, ова е Генералното собрание на Обединетите нации, не е приватен разговор на Сигнал, ниту седница на Конгресот.“Валц возврати: „Добро сум свесен каде сме – ова не е ниту комунистичка нелегитимна власт во Хавана.“
И покрај силните вербални судири, резолуцијата беше усвоена со огромно мнозинство, повторно потврдувајќи дека меѓународната заедница речиси едногласно го осудува американското ембарго.
Од македонска страна, гласањето сè уште не е официјално објаснето, но дипломатски извори укажуваат дека одлуката можеби е поврзана со стратегиското сојузништво со САД и новите безбедносни ориентации на земјата.
За Куба, пак, ова гласање е уште еден доказ дека, иако светот е на нејзина страна, политичките интереси на големите сили и понатаму ја одредуваат судбината на малите држави.















