Денеска до 13 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, пет жаришта се сè уште активни, еден пожар е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати.
Активните пожари во моментов се распоредени во пет општини. Во Општина Аеродром се гори ниска вегетација, дрва и пченка кај селото Горно Лисиче, додека во Општина Илинден активен е пожар со ниска вегетација на автопатот Скопје–Велес, спроти бензинската пумпа „Макпетрол“. Пожар со стрништа е забележан и во селото Турново во Општина Босилово, а во Крива Паланка огнот зафатил локација на излезот од градот која претставува депонија. Активна состојба има и во Општина Гостивар, во селото Симница, каде што горат ниска вегетација, стрништа и грмушки.
Од друга страна, позитивни вести стигнуваат од Општина Зелениково, каде пожарот над истоимените села, кој зафати шума и ниска вегетација, е успешно ставен под контрола. Исто така, во текот на денот успешно се интервенираше и кај три целосно изгаснати пожари – во селото Грчец во Општина Сарај, на локацијата кај Новите градски гробишта во Прилеп, како и во селото Црвивци во Општина Кичево.
ЦУК нагласува дека ја следи состојбата на терен во реално време и ги координира сите неопходни активности со надлежните институции.







