ПРВ.мк
Македонија

Македонија не го заборава Кили: Денес ќе наполнеше 59 години

Македонија не го заборава Кили: Денес ќе наполнеше 59 години

На денешен ден, во 1967 година, е роден Кирил Поп Христов – Кили, еден од најпрепознатливите и најхаризматичните македонски актери, чија смрт пред пет месеци остави голема празнина во домашната културна сцена.

Со својот уникатен стил, препознатлив глас и силно сценско присуство, Кили остави длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија. За многумина тој беше симбол на автентичноста и слободниот дух, а неговото име останува нераскинливо поврзано со некои од најзначајните домашни актерски остварувања.

Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на професорот Љубиша Георгиевски, по што најголемиот дел од својата кариера го поминал како член на ансамблот на Македонскиот народен театар. Во текот на долгогодишната работа одигра десетици впечатливи улоги на сцената.

Публиката особено ќе го памети по улогите во филмовите „Тетовирање“, каде го толкуваше ликот Исус, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“, „Македонска сага“, „Преку езерото“, како и по настапите во популарната серија „Бумбари“.

Во 2014 година, заедно со сопругата Гордана Деан Поп-Христова и ќерката Јоана, започна нов живот во Еквадор, но и покрај преселбата, редовно се враќаше во Македонија и остана поврзан со својата матична сцена.

По неговото заминување во март годинава, зад себе остави богато актерско наследство и бројни незаборавни улоги. Денес, на денот кога ќе го прославеше својот 59. роденден, колегите, пријателите и љубителите на театарот и филмот се потсетуваат на човекот кој со својот талент, харизма и бунтовен дух остави неизбришлива трага во македонската култура.