Во Штип вчера се случи драматичен инцидент по судското рочиште за убиството во кое се обвинети петмина турски државјани. Мајката на еден од обвинетите, исто така турска државјанка, физички ја нападнала полициска службеничка веднаш по завршувањето на судењето.
Според информациите што ги објави ТВ Стар, жената нагло се нафрлила кон полицајката, ја влечела за коса и истовремено ѝ упатувала навреди. Нападот предизвикал вистински метеж во ходникот на судот, по што интервенирале припадници на специјалната единица за да го запрат насилството и да ја смират ситуацијата.
Жената веднаш била лишена од слобода и приведена во полициска станица, каде против неа е поведена постапка за напад врз службено лице.
Инцидентот дополнително го подгреа вниманието околу случајот, кој веќе неколку месеци ја вознемирува јавноста поради природата на убиството и бројот на обвинетите.














