Македонија ќе набави најмалку пет нови електрични локомотиви, благодарение на средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на седницата за пратенички прашања во Собранието.
„Во соработка со ЕБОР обезбедивме речиси 21 милион евра за купување на најмалку пет нови електрични локомотиви. Минатата година немавме ниту една активна локомотива, а сега имаме 11, од кои 4 се понови, а 7 постари. Со новите електрични локомотиви ќе можеме да го опслужиме целиот карго превоз во земјата, и тоа веќе од 2028 година, бидејќи рокот за испорака е две години. ЕБОР најави дека повикот ќе биде објавен веќе во март следната година“, истакна Николоски.
Дополнително, вицепремиерот најави договор помеѓу Македонски железници-Транспорт и железници на Австрија, што ќе донесе значителен финансиски бенефит. Според договорот, македонски локомотиви ќе учествуваат во карго превозот од Пиреа и Атина до Виена, со што се отвора нова перспектива за регионален транспорт и меѓународна соработка.
















