Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објави дека туризмот во Македонија бележи силен раст во првата половина од 2025 година. Според официјалните податоци, бројот на странски туристи е зголемен за дури 19,7 %, додека бројот на остварени ноќевања од нив страна е зголемен за 13,3 % во споредба со истиот период минатата година.
Најмногу туристи пристигнале од Турција, Србија, Германија и Холандија, што е јасен показател дека Македонија станува сè поатрактивна дестинација на европскиот и регионалниот туристички пазар.
Љутков потенцира дека ваквиот раст е резултат на подобрената сообраќајна поврзаност, засилената меѓународна промоција, зголемениот интерес за културни, гастрономски и природни атракции, како и на богатата фестивалска понуда низ земјата.

„Туризмот е силен мотор што ја движи Македонија напред. Со секој нов гостин се отвораат нови можности за развој, нови работни места и нови инвестиции. Нашата земја не е само точка на картата, туку уникатна културна и природна приказна која светот сè повеќе ја открива и ја носи во срцата,“ нагласи министерот.