Контроверзниот обвинет во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, деновиве сам се пријавил на органите на прогонот и е ставен под куќен притвор поради влошена здравствена состојба.
Обвинителството за организиран криминал и судот оценија дека со спроведување во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на Пецов. Поради тоа му беше определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор од МВР, а му беа одземени и двете патни исправи.
Пецов е еден од обвинетите во истрагата „Синџир“, каде што 26 лица беа осомничени за даночно затајување и други кривични дела од стопански криминал, при што државата била оштетена за околу 8 милиони евра преку фиктивни фактури.
Апелациониот суд пред десетина дена одбил жалба за ослободување од притвор, но здравствената состојба на Пецов, поткрепена со медицинска документација за камења во жолчката, ја промени одлуката на судијата на претходна постапка.
Љупчо Пецов е обвинет дека заедно со други лица во случајот „Синџир“ создале сложена шема за даночно затајување и финансиски криминал, а јавноста го запозна со името и по апсењето на поранешниот правобранител Фехми Стафа, кој од позиција на адвокат барал и добил пари за наводен поткуп на судија.
















