Во Реонскиот центар на општина Аеродром денеска беше поставен камен-темелник за нов малопродажен објект на германската компанија „Лидл“. Новата продавница ќе се протега на површина од 3.438 м², со модерен продажен салон од 1.200 м² и 57 паркинг места, сместена покрај булеварот „Видео Смилевски- Бато“.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека оваа инвестиција не е само бројка, туку порака за сериозен влез на „Лидл“ на македонскиот пазар, со визија за долгорочен раст и создавање нови работни места. „Ова е почеток на ново поглавје во малопродажбата со повисоки стандарди, поголема конкуренција и подобри услови за граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека инвестицијата на „Лидл“ во Македонија беше одолговлекувана, но по изборот на новата влада, проектот беше откочен и ставен меѓу приоритетите. Дополнително, менаџментот на „Лидл“ ја прифати забелешката за зголемување на застапеноста на домашните производи на полиците, што ја поддржува локалната економија и ја гради довербата кај потрошувачите.
Македонските производи не само што ќе се најдат на полиците на „Лидл“ во земјата, туку веќе се извезуваат и во соседните држави. Во 2024 година извозот изнесуваше 5 милиони евра, а годинава се очекува да достигне 10 милиони евра и да продолжи да расте.
Покрај Аеродром, „Лидл“ гради и првиот продажен објект во Скопје на просторот каде порано се наоѓаше „Бриколаж“ во општина Гази Баба.