ПРВ.мк
Македонија

Лекарската комора ќе го разгледува случајот со д-р Кузмановски: Докторската професија налага високо етичко и морално однесување

Лекарската комора ќе го разгледува случајот со д-р Кузмановски: Докторската професија налага високо етичко и морално однесување

Лекарската комора на Македонија ќе го разгледува случајот со д-р Игор Кузмановски, нагласувајќи дека докторската професија налага високо етичко и морално однесување.

Оваа изјава Комората ја објави по објавувањето на видеоснимка на социјалните мрежи, на која се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборувајќи за неа со асоцијации за кокаин, додека разговара со лице што најверојатно го снимало видеото.

Д-р Кузмановски, кој во август беше назначен за директор на Клиниката за неврохирургија како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по објавата на видеото беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство, Азир Алиу.

Лекарската комора потенцира дека докторите се обврзани и во професионалниот и во приватниот живот да покажуваат лични квалитети соодветни на достоинството на медицинската професија. Секој несоодветен или понижувачки акт, велат од Комората, не само што го компромитира самиот лекар, туку и ги компромитира сите негови колеги.

Комората истакнува дека органите и телата на Комората ќе го разгледаат конкретниот случај и ќе постапат согласно своите надлежности. Според Статутот, Судот на честа расправа и одлучува за одговорноста на членовите за повреда на етички и професионални стандарди, со можни казни кои вклучуваат опомена, јавна опомена, парична казна, како и времено или трајно одземање на лиценцата.

Escape