ПРВ.мк
Македонија

КРАЈ ЗА „ВЕЧНИТЕ СТУДЕНТИ“ ВО ДОМОВИТЕ? - Усвоена нова граница - еве до колку години имате право за сместување!

КРАЈ ЗА „ВЕЧНИТЕ СТУДЕНТИ“ ВО ДОМОВИТЕ? - Усвоена нова граница - еве до колку години имате право за сместување!

Студентските домови во иднина ќе имаат ново правило за прием – во нив ќе можат да бидат сместени само студенти кои немаат наполнето 30 години во моментот на поднесување на барањето.

Собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска го разгледа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард и оцени дека измените се прифатливи, по што предлогот ќе продолжи во понатамошна собраниска процедура.

Предлагачи на измените се пратениците Даниела Христова, Каролина Насковска, Иванка Василевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Како што објасни пратеничката Христова, главната новина се однесува на условите за сместување и исхрана во државните студентски домови, каде што за првпат јасно ќе биде утврдена старосната граница за студентите кои можат да конкурираат за место.

Со измената на член 24 од Законот се додава условот студентот да не има навршено 30 години на денот кога го поднесува барањето за прием во државен студентски дом.

Според предлагачите, оваа промена треба да спречи можни злоупотреби и да обезбеди местата во домовите да бидат наменети за оние студенти на кои навистина им е потребна државната поддршка за сместување.

„Со овој член се прецизира старосната граница за прием во студентски дом со цел да не се прават злоупотреби и во домовите да се сместуваат оние на кои навистина им е потребна ваква поддршка“, посочи Христова.

Покрај ограничувањето за возраста, се предлагаат и измени поврзани со почитувањето на куќниот ред во студентските домови.

Студентите кои нема да ги почитуваат правилата ќе можат да добијат воспитни мерки, меѓу кои писмена опомена, опомена пред отстранување, како и забрана за користење услуги во студентските домови низ државата.

Забраната може да трае од една до пет години, зависно од тежината на прекршокот.

Од Комисијата образложија дека целта на измените е да се обезбеди поголема правна сигурност, подобри услови за престој и поголема безбедност во студентските домови.

Во текот на седницата не биле прифатени шест амандмани поднесени од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.

Со дел од амандманите било предложено да има исклучоци од старосната граница за лица со попреченост, како и студентите да имаат можност за поведување управен спор пред Управниот суд доколку сметаат дека им е повредено право.

Предлог-законот сега треба да продолжи со следните чекори во Собранието, каде што ќе се одлучува за неговото конечно усвојување.

Најнови вести