Два брода потонаа во последните неколку дена кај брегот на Мјанмар, а се стравува дека во несреќите загинале повеќе од 500 луѓе, соопштија од Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР).
– „Според прелиминарните податоци, двата брода испловиле кон крајот на јуни од сојузната држава Ракин во Мјанмар, а во нив главно се наоѓале припадници на народот Рохинџа, но и бегалци кои претходно биле во бегалските кампови Кокс Базар во Бангладеш“, се наведува во заедничкото соопштение на организациите.
Во соопштението беше нагласено дека допрва треба да се потврди бројот на жртвите.
– „Иако податоците за инцидентите и бројот на жртвите сè уште не се официјално потврдени, УНХЦР и ИОМ се сериозно загрижени за потенцијално разорната загуба на животи“, се додава во заедничкото соопштение на двете агенции.
Со години бегаат од насилство
Припадниците на малцинството Рохинџа со години се обидуваат да избегаат од насилството и тешките животни услови во Мјанмар и во бегалските кампови во Бангладеш, движејќи се по опасни морски патишта кон Малезија, Индонезија и Тајланд, пренесе Ројтерс.
Обединетите нации (ОН) соопштија дека оваа година во Андаманското Море и Бенгалскиот Залив се пријавени речиси 300 исчезнати или загинати мигранти и бегалци Рохинџа, како и државјани на Бангладеш.






