Начинот на наплата на патарините на македонските автопати би можел наскоро целосно да се промени. Во подготовка е нов електронски систем со кој возилата ќе поминуваат без запирање на наплатните рампи, а висината на патарината ќе се пресметува според реално поминатото растојание.
Министерот за транспорт Николоски најави дека законските измени со кои треба да се овозможи воведување на ваквиот модел се во напредна фаза. Нивната презентација се очекува во текот на декември.
Во подготовката на законското решение ќе бидат вклучени и експерти од Европската транспортна заедница. Целта е да се искористат искуствата и практиките на европските држави во кои веќе функционираат современи системи за електронска наплата на патарини.
Според најавите, новиот модел би требало да донесе поправеден начин на плаќање за возачите. Наместо да плаќаат однапред утврдена цена на одредени наплатни рампи, корисниците би ја плаќале патарината во зависност од тоа колку километри навистина поминале по автопатот.
Доколку законските измени бидат усвоени и системот биде воведен, тоа би значело значителна промена во функционирањето на наплатата на автопатите во Македонија, со можност возачите да патуваат без запирање на класичните патарини.



