Плажа Оревче, едно од најпрепознатливите места за алтернативна музика, култура и летни собири на охридското крајбрежје, и официјално се збогува со својата публика. По најавите за затворањето, тимот објави емотивна порака со која се заблагодари на сите што низ годините биле дел од оваа приказна, а беше соопштено и дека страницата ќе биде архивирана.
Со тоа симболично се става крај на едно место кое за многумина не беше само плажа, туку простор за слобода, уметност и поинаква летна атмосфера. Од Оревче потсетија дека од самиот почеток нивната цел била да понудат алтернатива на содржините што доминирале на охридското крајбрежје во летните месеци, а низ годините успеале да изградат автентична и препознатлива сцена.
На ова место настапувале бројни музичари од странство, регионот и Македонија, вклучувајќи и добро познати имиња, но и нови автори кои тука добиле можност да се претстават пред публиката. Оревче беше домаќин и на значајни културни настани, меѓу кои и првите изданија на Ohrid Beach Film Festival, како и фестивал посветен на 30 години македонска независна музичка сцена.
Во пораката, тимот нагласи дека покрај концертите, таму се создавале и пријателства, незаборавни моменти и спомени што ќе останат да живеат и по затворањето. Така, со архивирањето на страницата, не згаснува само едно место, туку завршува и едно важно поглавје од културниот и летниот живот во Охрид.










