ПРВ.мк
Македонија

(Фото) Филмска акција кај Градско: „Тигар“ пресече транспорт на 65 килограми марихуана

(Фото) Филмска акција кај Градско: „Тигар“ пресече транспорт на 65 килограми марихуана

Во координирана полициска акција спроведена долж автопатот „Пријателство“ во близина на Градско, припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со САЕ „Тигар“, спречиле транспорт на поголема количина наркотична дрога, при што биле лишени од слобода две лица.

Акцијата била реализирана на 3 април 2026 година, преку оперативно-тактичка мерка „заседа“, со цел сузбивање на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога на територијата на државата.

Според информациите од МВР, на наплатната рампа Стоби полициските службеници забележале сомнително движење на патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски таблички. Откако на возачот му бил даден знак да запре заради легитимирање, тој со голема брзина продолжил во правец кон Градско, обидувајќи се да избега.

Набргу потоа, полицијата го сопрала возилото и извршила преглед. Во автомобилот, управуван од Ф.Н., биле пронајдени четири црни торби со вкупно 65 кеси исполнети со растителна материја, со вкупна тежина од 65 килограми. Освен дрогата, биле одземени и два мобилни телефони.

Во полициска станица во Велес биле приведени Ф.Н. (38) од Скопје и Ј.М. (55) од Кавадарци. Против нив, денеска до Основното јавно обвинителство Велес ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомнение за кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Запленетата материја ќе биде доставена на форензичко вештачење по наредба на јавен обвинител.