ПРВ.мк
Свет

Правни експерти удрија по САД: Нападите врз Иран се спротивни на Повелбата на ОН и отвораат прашање за воени злосторства

Правни експерти удрија по САД: Нападите врз Иран се спротивни на Повелбата на ОН и отвораат прашање за воени злосторства

Повеќе од 100 експерти по меѓународно право со отворено писмо побараа сериозна правна и политичка реакција поради нападите врз Иран, оценувајќи дека акциите на САД и Израел претставуваат јасно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Писмото беше објавено на 2 април на платформата Just Security, а меѓу потписниците има професори, правни советници и поранешни високи функционери од областа на меѓународното право.

Во документот се наведува дека употребата на сила е дозволена само во случај на самоодбрана или со одобрение од Советот за безбедност на ОН, а според потписниците, условите за тоа во овој случај не биле исполнети. Тие предупредуваат и на можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително и ризик од воени злосторства.

Експертите посебно ја истакнуваат загрижувачката реторика од американски официјални лица, наведувајќи дека заканите за „уништување“ и пораките дека „не смее да се поштеди ниту еден непријател“ се во судир со основните правила на војување и заштита на цивили и лица што се предаваат или се онеспособени.

Меѓу потписниците се наведуваат имиња како Џонатан Трејси, Харолд Хонгју Кох и Оона Хетавеј, што му дава дополнителна тежина на писмото. Во него се оценува дека актуелните потези и закани ризикуваат сериозно да го поткопаат владеењето на правото и фундаменталните норми на меѓународниот поредок.

Од Белата куќа, пак, пристигна спротивен став. Администрацијата на Трамп порача дека претседателот со своите постапки го прави регионот побезбеден, отфрлајќи ги критиките од, како што ги нарече, „таканаречените експерти“.