Граничниот премин Евзони денес напладне целосно е затворен, откако грчките земјоделци поставија масовна блокада и го прекинаа движењето и во двата правци. Во моментов нема информации до кога ќе трае хаосот на границата.
На преминот се собрани над 150 трактори и земјоделски машини, а според грчката агенција АНА-МПА, блокадата се зголемува од минута во минута – протестирачите пристигнуваат од целата област Пеонија.
Граничниот премин беше блокиран и вчера околу 18 часот. Прво беше запрен влезот за камиони, но земјоделците брзо преминаа на целосна блокада која траеше до полноќ.
Проблемите не се ограничени само на Евзони. Блокади има и:
- на патарината при излез од Солун кон Атина,
- во близина на Лариса,
- кај Кардица,каде протестите ги прекинуваат сообраќајниците и создаваат огромни колони.
Грчките земјоделци продолжуваат со масовни протести незадоволни од државните мерки, а сообраќајот кон Македонија и низ северна Грција е во сериозен застој.

















