Во пресрет на првата годишнина од трагичниот настан што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Општина Кочани во соработка со повеќе институции и здруженија подготви тридневна програма за оддавање почит на загинатите и поддршка на повредените.
Програмата е изготвена заеднички со Здружението на граѓани „16 Март“, ОО на Црвен крст – Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“, ЈЗУ ОБ Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“, со цел достоинствено и обединето да се одбележи споменот на жртвите од трагедијата што го потресе градот.
Во несреќата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа тешко повредени. Овој настан остави длабока трага во колективната меморија на заедницата.
Градоначалникот Владко Грозданов одржа прес-конференција заедно со членовите на Организацискиот одбор, на која беа презентирани активностите што ќе се реализираат на 14, 15 и 16 март.
На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест, како симбол на почит и тивка болка што сè уште живее меѓу граѓаните.
Програмата за 15 март е насловена „Кочани Ви благодари“ и е посветена на повредените, како и на сите институции, здравствени установи, здруженија и поединци кои помогнале по трагедијата. Градоначалникот Грозданов истакна дека се испратени официјални покани до здравствените установи кои дале значајна поддршка, а ги охрабри и повредените кои сè уште се во контакт со болниците каде што биле лекувани да ги поканат своите лекари и медицински персонал. Општината најави топол прием, обезбедено сместување и соодветни почести за сите гости.
Во рамки на свеченоста на 15 март, делегациите од институциите и здруженијата што дале придонес ќе бидат одликувани со статуетки на благодарност. Денот ќе заврши со културно-уметничка програма како симбол на живот, надеж и заедништво.
На 16 март активностите ќе бидат насочени кон достоинствено оддавање почит на починатите.
„Младите што трагично ги загубивме заслужуваат почитта да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи“, порача градоначалникот Грозданов, додавајќи дека овие денови треба да бидат не само сеќавање на болката, туку и поттик за поголема сплотеност, истрајност и мир во заедницата.
Деталите од целосната програма ќе бидат дополнително објавени од Општина Кочани.


















