Пред Виши суд во Белград продолжи постапката против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родители на малолетникот кој на 3 мај 2023 година го изврши масакрот во ОШ „Владислав Рибникар“. На рочиштето сведочеше таткото на 15-годишно момче кое беше тешко рането во нападот, откривајќи застрашувачки детали за денот што засекогаш им го промени животот.
Тој изјавил дека неговиот син утрото во 8:45 часот му се јавил по телефон со зборовите: „Тато, погоден сум, дојди по мене!“ Во тој момент знаел дека нешто сериозно се случува, но не можел ни да замисли колкави се размерите на трагедијата. Го барал своето дете најпрво во Клиничкиот центар, а потоа во болницата во Тиршова, каде што конечно го пронашол жив.
Момчето имало прострелна рана во бутот и поминало три дена во болница. Подоцна, кога разговарале за случувањата, му раскажало сцени што, според зборовите на таткото, никогаш нема да ги заборави. „Тато, имаше црвени очи како ѓавол. Никогаш такво нешто не сум видел“, му рекол синот.
Тој му објаснил дека во паника прескокнувал крвави и мртви соученици за да успее да побегне и да преживее. Во тој хаос повлекол со себе и две другарки, за кои верувал дека би биле убиени доколку останеле.
Таткото сведочеше дека неговиот син и денес е во тешка психичка состојба. Долго време одбивал да разговара, се повлекол од пријателите и семејството, а и сега зборовите тешко излегуваат од него. Има болки во бутот, особено при промена на времето, а секој ненадеен шум, па дури и петарда, предизвикува силна паника. Посетува групна и индивидуална психотерапија, зема терапија за спиење, но сонот останува нарушен.
Во текот на постапката беше најавено дека малолетникот кој го изврши злосторството повторно ќе сведочи против своите родители. Рочиштето е закажано за 25 март, кога тој ќе биде донесен од клиниката каде што престојува од денот на нападот.
На денешното судење сведочеа и членови на семејствата на убиените и ранетите. Адвокатот Огњен Божовиќ изјави дека присутните биле сведоци на „маратон на болка“, додека адвокатката Зора Добричанин посочи дека секое рочиште остава ист впечаток – огромна тага и прашањето дали трагедијата можела да се спречи.
Судењето е затворено за јавност поради заштита на малолетниците, иако одбраната бараше постапката да биде јавна.
Апелациониот суд во Белград претходно го укина најголемиот дел од првостепената пресуда против Владимир и Миљана Кецмановиќ, наведувајќи суштински повреди на постапката. Претходно, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор, а Миљана на три години, но тие пресуди сега се укинати и постапката се повторува.
Обвинителството и понатаму тврди дека Владимир Кецмановиќ го обучувал својот син да ракува со воздушно и огнено оружје и дека не го чувал оружјето согласно законските прописи. Миљана Кецмановиќ се товари за занемарување и злоупотреба на дете.
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, изјави дека обвинителството ќе инсистира на максимални казни во повторената постапка.
Случајот и понатаму ја потресува јавноста во Србија и регионот, а сведочењата на семејствата уште еднаш ја отворија болката од 3 мај 2023 година – ден што останува запишан како еден од најцрните во поновата историја на земјата.


















