Од следната година, во Хрватска вакцинацијата против хуманиот папилома вирус (ХПВ) се очекува да стане задолжителна, согласно законските измени што се планираат во вториот квартал од оваа година, пренесува Index.hr. Со оваа одлука, земјата ќе им се приклучи на државите кои веќе презедоа слични мерки со цел долгорочно искоренување на ракот на грлото на матката – болест која денес во голема мера може да се спречи.
Како што посочува директорката на Управата за здравствена заштита при Министерството за здравство, Ивана Портолан Пајиќ, во изминатите петнаесет години се направени значителни исчекори, особено во подигнувањето на свеста за превенцијата, раното откривање и значењето на вакцинацијата против ХПВ.
Статистиката покажува дека во последната деценија во Хрватска годишно се дијагностицираат околу 300 случаи на рак на грлото на матката, а меѓу 120 и 130 жени ја губат битката со болеста. Во 2024 година, според податоците за смртност, починале 98 жени, при што една третина од нив биле помлади од 60 години. Овие бројки се однесуваат исклучиво на инвазивен карцином на грлото на матката и не ги опфаќаат честите премалигни лезии, ниту другите видови рак поврзани со ХПВ, како што се карциномите на вулвата, вагината, анусот, пенисот и ждрелото.
„Ракот на грлото на матката е болест што можеме да ја спречиме. Имаме вакцина, имаме скрининг и имаме ефикасно лекување на премалигните промени, и токму затоа е неприфатливо жените и понатаму да умираат од него“, нагласува Портолан Пајиќ.
Вакцинацијата против ХПВ во Хрватска е достапна од 2007 година, првично преку пилот-проекти, а подоцна и како дел од националната програма. Денес вакцината е бесплатна за девојчиња и момчиња на возраст од 14 до 15 години, со можност за дополнителна имунизација за средношколци и млади лица до 25 години.
Иако програмата досега не беше задолжителна, земјата бележи солиден, но недоволен опфат. Според податоците на Hrvatski zavod za javno zdravlje, најмалку една доза вакцина до 15-годишна возраст примиле 54,8 проценти од девојчињата и 38,9 проценти од момчињата од генерацијата родена во 2009 година. Сепак, овие бројки сè уште се под целите поставени од Светска здравствена организација, која предвидува над 90 проценти вакцинираност, 70 проценти опфат со превентивни гинеколошки прегледи до 35-годишна возраст и 90 проценти навремено лекување на откриените премалигни и малигни промени.
Со најавената законска измена, Хрватска прави решителен чекор кон системско намалување на ризикот од ХПВ-поврзани заболувања и долгорочно намалување на смртноста од рак на грлото на матката.


















