Општина Сарај информираше дека се воведува итна забрана за движење по патеката во подрачјето на Матка поради сериозна опасност од уривање карпи. Одлуката доаѓа како превентивна мерка со цел да се заштитат граѓаните и посетителите од можни несреќи.
Според информациите од општината, забраната е донесена врз основа на официјален акт на Дирекцијата за заштита и спасување (бр. 57-2071-1 од 19.02.2026 година). На критичните и ризични делови веќе се поставени предупредувачки знаци кои укажуваат на опасност од паѓање камења, со цел дополнително да се алармираат сите што се движат во тој предел.
Забраната стапува во сила веднаш и ќе важи сè до ново известување од надлежните институции, што значи дека пристапот ќе остане ограничен додека не се процени дека теренот е безбеден.
Властите апелираат до жителите, туристите и сите здруженија кои планираат рекреативни или спортски активности во овој предел, строго да ја почитуваат одлуката. Нагласуваат дека мерката е исклучиво во интерес на безбедноста, а во случај на непочитување, одговорноста за евентуални последици ќе ја сносат самите лица кои ќе ја прекршат забраната.


















