ПРВ.мк
Македонија

Клековски со апел до граѓаните: Празнете ги базените, август и септември се критични за западнонилската треска

Клековски со апел до граѓаните: Празнете ги базените, август и септември се критични за западнонилската треска

Мерките за справување со западнонилската треска во Македонија дополнително ќе се засилуваат, а министерот за здравство Саздо Клековски упати апел до граѓаните во загрозените подрачја да ги намалат сите водни површини што можат да станат места за размножување на комарците.

Покрај планираното прскање против комарци, граѓаните во подрачјата каде што е прогласена епидемија ќе добиваат и СМС-пораки со препораки за заштита и намалување на ризикот од заразување.

Посебно внимание ќе биде насочено кон базените за рекреативна употреба. Според Клековски, во дел од загрозените скопски населби биле забележани голем број вакви базени.

„Знаеме дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да апелираме на максимална претпазливост“, порача министерот.

Тој предупреди дека токму август и септември, според досегашните искуства, се периодите кога може да се очекува врвот на епидемијата.

Планирана е и засилена ентомолошка контрола со која ќе се следи присуството на комарци, а резултатите ќе се користат при планирањето на понатамошното прскање.

Во загрозените подрачја ќе има и вонредни контроли на живината, особено на онаа што се одгледува на отворено во близина на каналите за наводнување. Клековски потсети дека при поголемото појавување на западнонилската треска во 2019 година, од девет контролирани кокошки една била позитивна.

Насоките за постапување треба да бидат доставени до сите засегнати општини.

Епидемијата во Скопје официјално беше прогласена на 12 август и ги опфаќа општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, со посебен акцент на Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Грумулери.

Министерот ги повика граѓаните да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство доколку забележат мртви диви птици, особено гаврани, кои можат да бидат резервоари на вирусот.

Според последните податоци, во земјава се регистрирани 35 случаи на западнонилска треска, три лица починале, а 16 пациенти се на болничко лекување. Шестмина од хоспитализираните се во критична состојба.

Извор: Infomax