Напната атмосфера на денешната 65. седница на Советот на Општина Кочани заврши со шокантен инцидент – општинската правничка Ана Кралева била удрена со шише во глава, откако расправија меѓу советници за малку не прераснала во физичка пресметка.
Се започнало со вербален судир меѓу советникот Аки Акиов и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков. Според присутните, тензиите брзо ескалирале, а во еден момент, меѓу кавгата, било фрлено шише што ја погодило Кралева.
На местото веднаш пристигнала екипа од МВР, а сите инволвирани се повикани во полициска станица да дадат изјави. Засега не е познато кој го фрлил шишето, ниту дали ќе следуваат кривични пријави.
Настанот, кој беше сниман, дополнително ја засили загриженоста за тоа колку е нарушена политичката култура во институциите. Од Општината се уште нема официјална реакција, а јавноста бара одговорност за насилството во една од најважните демократски установи во локалната власт.