ПРВ.мк
Македонија

ХАОС СЕ ПОДГОТВУВА ВО СКОПЈЕ? Таксистите најавуваат протести поради новите правила – тврдат дека стотици возила ќе останат без лиценца!

ХАОС СЕ ПОДГОТВУВА ВО СКОПЈЕ? Таксистите најавуваат протести поради новите правила – тврдат дека стотици возила ќе останат без лиценца!

Групацијата на авто-такси превоз на Град Скопје предупредува дека такси-превозот во главниот град се соочува со сериозни проблеми кои со години остануваат нерешени, поради што најавува можни протести во наредните денови.

Од Групацијата велат дека веќе девет години се наталожуваат бројни прашања кои директно влијаат врз работата на такси-превозниците, квалитетот на услугите и безбедноста на патниците. Според нив, и покрај повеќекратните барања и иницијативи, надлежните институции досега не презеле конкретни чекори за решавање на проблемите.

Како што информираат, на 17 февруари годинава доставиле предлози и барања до Град Скопје, а на 19 мај истите биле испратени и до Владата, но, како што тврдат, сè уште нема соодветен одговор.

Такси-превозниците посочуваат дека граѓаните се жалат на недостиг од такси-возила, нерегуларна работа на дел од таксиметрите, нелегални превозници без лиценци, како и непријавени возачи. Во исто време, велат тие, Град Скопје започнал да не издава и да не продолжува лиценци за такси-возила произведени пред 2011 година, без претходна официјална најава и без преоден рок за прилагодување.

Според нив, ваквата одлука може да значи дека голем број такси-возила ќе бидат принудени да престанат со работа, што дополнително ќе го намали бројот на достапни такси-услуги во Скопје.

Од Групацијата нагласуваат дека и самите се залагале за постепено исфрлање на најстарите возила кои не ги исполнуваат еколошките стандарди, но сметаат дека тоа требало да се спроведе со јасно утврден преоден период, како што е практика во повеќе европски земји.

Тие тврдат дека предложиле да се исфрлат возилата што ги исполнуваат стандардите Еуро 1, Еуро 2 и Еуро 3, но со рок од една година за таксистите да можат да се приспособат на новите услови.

Поради незадоволството, такси-превозниците веќе се во координација со Синдикатот, со кој ги договараат деталите за протест што, според најавите, ќе се одржи во наредните денови. Датумот, времето и локацијата ќе бидат дополнително соопштени на јавноста.

Засега нема официјален став од Град Скопје во однос на изнесените тврдења и најавите за протест.