Драматични сцени денеска кај Визбегово – пожарот што беснее повеќе од два часа не е ставен под контрола, а ситуацијата дополнително се влоши кога сопственикот на депонијата беше приведен од полицијата, пренесе 4NEWS.mk.
При приведувањето, сопственикот пружил отпор, по што дојде до физичка пресметка со припадници на полицијата. Но тука не завршува инцидентот – нападната била и телевизиска екипа, која прва пристигнала на терен за да известува за настанот.
Според првичните информации, еден од вработените физички ја нападнал ТВ-екипата и им ја скршил камерата, предизвикувајќи дополнителен шок и осуда кај јавноста.
Во меѓувреме, пожарот сè уште не е локализиран, а постои реална опасност од негово проширување кон околните куќи. Доколку огнената стихија не се стави под контрола, можна е и евакуација на жителите од најзагрозените подрачја.
Во гаснењето во моментов учествува еден авион „Ер Трактор“, активиран од Дирекцијата за заштита и спасување. Ситуацијата останува критична, а надлежните служби апелираат граѓаните да останат смирени и внимателно да ги следат упатствата.