Компанијата ByteDance, која стои зад глобалната сензација TikTok, работи на развој на нови, ултра-лесни очила за мешана реалност, кои директно ќе конкурираат на уредите на Meta, како дел од трката за доминација во иднината на проширената технологија.
Според информациите објавени од Engadget, развојот на овој уред ѝ е доверен на Pico – стартап за виртуелна реалност кој е во сопственост на ByteDance и е веќе познат по својот VR уред Pico 4.
Наместо класичниот, гломазен хардвер што се носи на глава, новите очила ќе бидат мали, лесни и дискретни, со дизајн што потсетува на „Bigscreen Beyond“ – уред што тежи само 127 грама. За да се постигне оваа мала тежина, компјутерската обработка нема да се извршува во самите очила, туку ќе биде пренесена на надворешен модул, наречен „puck“, кој преку кабел ќе биде поврзан со уредот.
Овој пристап не е целосно нов – Meta веќе тестираше слична архитектура кај својот AR прототип „Orion“. ByteDance очигледно оди во иста насока – функционалност без компромис во тежината.
Покрај дизајнот, компанијата работи и на сопствени чипови, кои ќе имаат задача да ги обработуваат податоците од сензорите и да ја намалат латенцијата на минимум. Ова е клучно за беспрекорно корисничко искуство во реално време, што е особено важно за мешаната реалност.
Иако не се откриваат сите детали, се шпекулира дека новите очила на ByteDance ќе бидат директен конкурент на претстојниот MR уред на Meta. Откако ја лансираше Quest 3S, Meta привремено го стави на пауза развојот на Quest 4, за да се фокусира токму на создавање полесни и поелегантни AR/MR уреди.
За сега, нема официјален датум за претставување, ниту е познато на кои пазари ќе бидат достапни новите очила на ByteDance, но јасно е дека трката за следната генерација уреди е веќе започната – и оваа конкуренција само ќе го забрза развојот на технологијата.