Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека неговата партија очекува предвремени парламентарни избори напролет и потврди дека на оваа тема имало комуникација со претставници на ВМРО-ДПМНЕ.
Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Османи беше директно прашан дали ДУИ бара предвремени избори, на што одговори потврдно.
Тој се осврна и на претходната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ нема да бега од избори доколку опозицијата ги побара.
Според Османи, меѓу политичките партии веќе имало комуникација во различни форми, а неговата проценка е дека кај владејачката партија нема голем отпор кон идејата за предвремено парламентарно гласање.
„Нормално, во различни форми се комуницирало и кај нив. Нема некој голем отпор во таа насока и очекуваме дека некаде следната пролет ќе има предвремени избори. И, ние се подготвуваме за тоа“, изјави Османи.
Сепак, тој не откри со кого конкретно од ВМРО-ДПМНЕ се водела комуникацијата, ниту потврди дали станувало збор за официјални средби меѓу претставници на двете партии.







