По иницијатива на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, од денеска официјално започнаа активности за чистење и одржување на спомен-обележјата низ градот. Акцијата има за цел да го врати достоинствениот изглед на овие значајни историски локации и да обезбеди нивна долгорочна заштита.

Првите активности се реализираат во Градскиот парк, каде што е започнато темелно чистење на спомен-обележјето Костурница. Екипите на терен работат на отстранување на графити и други оштетувања, со што се враќа автентичниот изглед на објектот.

Акцијата се спроведува во координација со Територијалната противпожарна единица – Кавадарци и Ј.П. Комуналец Кавадарци, кои заеднички се вклучени во реализацијата со обезбедена соодветна опрема, материјали и логистичка поддршка.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека грижата за спомен-обележјата претставува обврска кон историјата, но и инвестиција во иднината, со цел овие вредности да останат зачувани и достапни за следните генерации.










