ПРВ.мк
Македонија

Кавадарци чекори кон зелена иднина: Фотоволтаици на 12 јавни објекти за заштеда и заштита на животната средина!

Кавадарци чекори кон зелена иднина: Фотоволтаици на 12 јавни објекти за заштеда и заштита на животната средина!

Општина Кавадарци започна со реализација на значаен проект за поставување и проширување на фотоволтаични системи на повеќе јавни објекти, со цел да се зголеми енергетската ефикасност и драстично да се намалат трошоците за електрична енергија. Фотоволтаичните панели и проектите се обезбедени преку донација, додека останатиот потребен материјал е набавен преку Буџетот на Општина Кавадарци со спроведена јавна набавка.

Проектот опфаќа вкупно 12 локации низ градот. Со соларни панели се опремуваат објектите на ЈОУДГ „Рада Поцева“ („Гроздоберче“, „Снежана“, „Детелинка“, „Изворче“ и „Сонце“), Библиотеката „Феткин“, Домот на култура „Иван Мазов Климе“, зградата на Општина Кавадарци, ООУ „Димката Ангелов Габер“, СОУ „Киро Спанџов – Брко“, Основен суд Кавадарци и ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци.

На дел од објектите се монтираат комплетно нови фотоволтаични системи, додека на останатите се врши надградба на постоечките капацитети. Со ова, клучните општински и јавни установи добиваат можност да произведуваат сопствена струја од обновливи извори.

Со инвестирањето во зелена енергија и модерна инфраструктура, Кавадарци поставува пример за одржлив развој, создавајќи позелена и поекономична општина за сите свои граѓани.