Општина Кавадарци започнува со имплементација на нов, современ проект кој значително ќе го олесни секојдневието на граѓаните и ќе ги модернизира општинските услуги. На колективните станбени згради ширум градот започнува поставувањето на информативни табли со QR-кодови, како дел од процесот за дигитализација на локалната самоуправа.
Преку оваа иновација, граѓаните со само едно едноставно скенирање на кодот преку своите мобилни телефони, брзо и безбедно ќе можат да завршат неколку важни административни обврски.
Што овозможуваат новите QR-кодови?
Со скенирање на таблите, на кавадарчани им се овозможува 24-часовен директен пристап до:
- Проверка на долгови: Брза проверка дали имаат неплатени обврски по основ на данок на имот и комунални такси.
- Електронско плаќање: Можност за веднаш и електронски да ги подмират своите даночни обврски.
- Увид на ниво на зграда: Добивање јасен преглед во наплатата на ниво на целата станбена зграда.
- Платформата eDanoci.mk: Директен линк до официјалната даночна платформа, достапна во секое време.
Од Општината нагласуваат дека приватноста е максимално заштитена. Деталните информации за даночните обврски ќе бидат видливи и достапни исклучиво за сопственикот на имотот, по претходно извршена безбедна идентификација и верификација.
Поголема транспарентност и развој на градот
Со воведувањето на ова современо решение, Општина Кавадарци дополнително ја унапредува транспарентноста во своето работење, ја олеснува двонасочната комуникација со граѓаните и поттикнува навремено исполнување на обврските.
„Вашите навремено платени даноци се директна инвестиција во иднината, новите проекти и долгорочниот развој на Општина Кавадарци“, потенцираат од локалната самоуправа.





