Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, најави нова голема инвестиција во развојот на Ски-центарот Михајлово, со која капацитетите на центарот практично ќе бидат двојно зголемени.
Како што истакна Јанчев во телевизиско гостување, за проектот е обезбедена донација од 100.000 евра, а планот е уште во текот на претстојната сезона да биде изградена дополнителна ски-стаза покрај постојната стаза „Македонија“.

Новата траса е предвидено да се спушта од самиот врв во правец кон Шумската куќа или кон одморалиштето Михајлово, а покрај новата стаза, планирано е поставување и на уште еден ски-лифт.
Со реализацијата на проектот, според Јанчев, Ски-центарот Михајлово ќе добие двојно поголеми капацитети, а инвестицијата предвидува и систем за вештачки снег, осветлување и комплетна потребна инсталација, со што ќе се создадат значително подобри услови за зимски спортови и рекреација.

Јанчев потенцираше дека особено значајно е што постојат компании кои ја препознаваат визијата за развој на Кавадарци и се подготвени финансиски да помогнат во реализацијата на вакви проекти.
Градоначалникот посочи и дека во изминатите осум години Општина Кавадарци успеала да обезбеди најмалку 1,5 милиони евра преку донации, финансиски и материјални средства, оценувајќи дека станува збор за резултат кој ретко може да се сретне кај локалните самоуправи.

Новата инвестиција треба дополнително да го развие Михајлово како зимска туристичка и спортска дестинација и да создаде услови за поголем број посетители, подолга скијачка сезона и понатамошен развој на целиот локалитет.





