Уште една исклучителна приказна од долгогодишната ИВФ практика на Болница Плодност заврши со најубав можен исход – раѓање на две бебиња, машко и женско.
Пациентката од Србија, на 60-годишна возраст, пред две недели стана мајка на близнаци по успешно ин витро оплодување со донирани јајни клетки, реализирано во Болница Плодност.
Првично била потврдена тројна бременост, а во 12. гестациска недела била направена селективна ембриоредукција, по што бременоста продолжила со два плода.
Пациентката се породила во Белград, Србија, каде на свет дошле две живи бебиња – едното со тежина од 1.300 грама, а другото 1.700 грама. Според информациите што ги сподели семејството, бебињата се во добра кондиција и продолжуваат со својот развој.
Од Болница Плодност посочуваат дека бременост и породување со близнаци на оваа возраст претставуваат исклучително редок и медицински сложен случај.
Овој пример уште еднаш покажува колку напреднала современата репродуктивна медицина, но истовремено потсетува дека бременоста во повозрасна репродуктивна возраст, особено кога станува збор за близначка бременост, носи сериозни ризици и бара внимателна медицинска проценка и следење.
Токму затоа, од болницата нагласуваат дека ИВФ постапката била спроведена во согласност со законските можности, по медицинска проценка и со информирана согласност на пациентката.
Од тимот на Плодност очекуваат дека случајот ќе отвори различни прашања, дилеми и реакции во јавноста, но нивниот став е јасен:
„Нашата должност како медицински тим е да ги почитуваме законските рамки, медицинските стандарди и достоинството на пациентката, без да ја осудуваме нејзината желба за потомство. Ние сме медицински лица, а не судии на животните желби.“
Радоста за успешниот исход ја сподели целиот тим – лекарите, ембриолозите и медицинските сестри кои биле дел од процесот.
На мајката и на двете бебиња од Болница Плодност им посакуваат многу здравје, среќа и што повеќе заеднички години исполнети со семејна радост.
Зад секој нов живот стојат знаење, искуство и огромна посветеност на целиот тим.
А на крајот, како што традиционално велат во Плодност:
„Да ни е алал!“






