Неколку ученици од Скопје биле физички нападнати во Охрид додека се движеле во група заедно со своите професори. Инцидентот бил пријавен во полицијата вчера, во еден часот по полноќ.
Според информациите од СВР Охрид, настанот се случил на улицата „Св. Климент Охридски“, каде што повеќе лица физички нападнале неколку ученици кои престојувале во градот во рамки на екскурзија.
Учениците во моментот на нападот се движеле заедно со своите професори, а засега не се соопштени дополнителни детали за околностите под кои се случил инцидентот.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. По утврдувањето на сите околности и идентификувањето на одговорните лица, против напаѓачите ќе биде поднесена соодветна пријава.





