ПРВ.мк
Македонија

Научна конференција во Кавадарци: Одбележани 95 години од раѓањето на академик Блаже Ристовски

Научна конференција во Кавадарци: Одбележани 95 години од раѓањето на академик Блаже Ристовски

Со поздравен говор на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, денеска беше отворена научната конференција посветена на одбележувањето на 95-годишнината од раѓањето на еден од најзначајните македонски научници, академик Блаже Ристовски.

На овој значаен научен настан присуствуваа голем број истакнати гости, меѓу кои Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, како и бројни академици, научни работници и претставници на повеќе институции.

Присутните му оддадоа почит на ликот и делото на академик Ристовски, кој со својата долгогодишна посветеност и богато научно творештво остави неоценлив и траен белег во македонската наука, култура и историја.

Посебна емотивна поврзаност со Кавадарци

Овој голем јубилеј има посебно значење за Кавадарци, имајќи предвид дека академик Ристовски е длабоко поврзан со овој крај преку своите корени од кавадаречкото село Гарниково.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Митко Јанчев ја истакна клучната важност од зачувувањето и афирмирањето на научното и културното наследство што зад себе го оставија македонските големци.

„Зачувувањето на нашето културно и научно наследство, како и континуираната поддршка на науката, културата и образованието, се основните темели на општествениот и духовниот развој на секоја заедница“, истакна Јанчев.

Од Општина Кавадарци упатија искрена благодарност до Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци, како и до сите организатори, научни работници и учесници кои дадоа свој придонес за достојна реализација на овој голем научен настан.