ПРВ.мк
Балкан

ЕВАКУАЦИЈА ВО ПОЗНАТ ХОТЕЛ: Силен мирис се проширил низ објектот, 21 лице побарало медицинска помош!

ЕВАКУАЦИЈА ВО ПОЗНАТ ХОТЕЛ: Силен мирис се проширил низ објектот, 21 лице побарало медицинска помош!

Познат хотелски комплекс во хрватскиот град Пореч бил евакуиран откако низ објектот се проширила интензивна миризба. Во инцидентот, кој предизвикал интервенција на надлежните служби, дури 21 лице побарало медицинска помош, објави „Глас Истре“.

Настанот се случил вчера околу 11 часот, а според неофицијалните информации на медиумот „Истарски“, станува збор за неодамна реновираниот комплекс „Пикал Ресорт“, кој функционира во рамките на компанијата „Валамар“.

Според досегашните наоди од истрагата, причината за инцидентот била хемиска реакција што настанала за време на полнењето на резервоарот со хемикалии што се користат за одржување на базенот.

На местото веднаш интервенирале полициски службеници и припадници на Јавната противпожарна служба од Пореч. Тие го обезбедиле подрачјето и извршиле мерења на квалитетот на воздухот. По спроведените проверки било утврдено дека хотелот е безбеден за престој.

Сепак, пристапот до машинската просторија и просториите во кои се наоѓаат резервоарите со хемикалии и понатаму е ограничен. Оваа мерка ќе остане во сила сè додека концентрацијата на хлор во воздухот целосно не се намали на безбедно ниво.

Полицијата продолжува да ги утврдува сите околности поврзани со инцидентот.