ПРВ.мк
Македонија

ИЈЗ објави важни препораки за сите граѓани- Температурите ќе надминат 40°C

ИЈЗ објави важни препораки за сите граѓани- Температурите ќе надминат 40°C

Со температури кои деновиве ќе надминуваат 40 степени Целзиусови, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повторно апелира граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури.

Од ИЈЗ советуваат да се избегнува директно изложување на сонце и физичка активност на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога сончевото зрачење е најсилно.

При престој надвор се препорачува носење лесна и светла облека, капа со широк обод и заштитни очила. Доколку е можно, најдобро е да се останува во климатизирани простории, а ако мора да се биде надвор, да се прават почести паузи во сенка.

Граѓаните се советуваат редовно да внесуваат течности, пред сè вода, без да чекаат да почувствуваат жед. Треба да се избегнуваат алкохолни пијалаци, прекумерни количества кофеин и многу ладни пијалаци, како и тешка, масна и висококалорична храна.

Исто така, се препорачува преку ден да се држат затворени прозорците и ролетните, а просториите да се проветруваат навечер кога температурите се пониски. За дополнително разладување може да помогне туширање со млака вода или ставање ладни облоги.

Од Институтот предупредуваат никогаш да не се оставаат деца, повозрасни лица или домашни миленици во паркирани возила, бидејќи температурата во нив за кратко време може да достигне опасно високо ниво.

Посебна претпазливост се препорачува за лицата со хронични заболувања, особено кардиоваскуларни, белодробни и невролошки болести. Тие треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при каква било промена на здравствената состојба веднаш да се консултираат со својот матичен лекар.