Општина Кисела Вода ја започна постапката за прием на барања за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјални штети во силното невреме што на 21 јули 2026 година го погоди подрачјето на Скопје.
По координативниот состанок со Град Скопје, во Општината е формирана Комисија за утврдување на фактичката состојба на терен, со што официјално започнува процесот за пријавување на штетите. Постапката ќе се реализира во соработка со Владата и Град Скопје.
Образецот за пријавување на штета е достапен во Архивата на Општина Кисела Вода, а граѓаните можат да го преземат и електронски преку официјалната интернет-страница на Општината.
Пополнетото барање, заедно со потребната документација, треба да се достави во Архивата на Општината секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на настанување на штетата.
Кон барањето задолжително треба да се приложат:
- фотокопија од важечка лична карта или патна исправа,
- фотокопија од имотен лист како доказ за сопственост,
- фотографии од настанатата штета,
- записник од МВР за настанатата штета.
Од Општина Кисела Вода апелираат граѓаните навремено да ги поднесат своите барања, со цел постапката за проценка и евентуално обесштетување да се спроведе што побрзо и поефикасно. Сите пристигнати пријави ќе бидат разгледани согласно законските прописи.







