ПРВ.мк
Свет

Поштите исчезнуваат од Европа? Данска направи историски чекор што предизвика загриженост

Поштите исчезнуваат од Европа? Данска направи историски чекор што предизвика загриженост

Данска стана првата земја во Европската Унија што ја укина доставата на писма преку својот национален поштенски оператор и се откажа од обврската услугата да биде достапна на секоја адреса.

Со ова заврши повеќевековната традиција на јавната поштенска служба, а според објавените информации, исчезнале и околу 1.500 работни места. Доставата на писма сега ја врши приватна логистичка компанија, што отвори загриженост поради повисоките цени и зависноста од еден оператор.

Последиците особено би можеле да ги почувствуваат околу 271.000 жители на Данска кои не користат дигитална комуникација и сè уште зависат од физички писма.

Данскиот пример е важен и за остатокот од Европа, бидејќи Европската комисија подготвува реформа на правилата за поштенски услуги. Во фокусот е таканаречената универзална услуга, која треба да обезбеди секој граѓанин да има пристап до основна достава по прифатлива цена, без разлика дали живее во град или во оддалечено рурално подрачје.

Иако бројот на писма е значително намален, доставата на пакети нагло порасна со развојот на интернет-трговијата. Синдикатите предупредуваат дека приватните оператори ги преземаат профитабилните градски рути, додека јавните пошти ги задржуваат поскапите и помалку исплатливи рурални подрачја.

Одлуката за иднината на европските поштенски услуги би можела да биде позната следната година, кога Европската комисија треба да ги претстави новите правила.