Зголемено присуство на бактеријата Ешерихија коли (Escherichia coli) е регистрирано во морската вода на плажа во местото Стон, во јужниот дел на Хрватска, поради што надлежните институции ги повикаа граѓаните и туристите привремено да не се капат.
Според соопштението на Дубровничко-неретванската жупанија, при редовното испитување на квалитетот на морската вода е утврдено зголемено присуство на бактеријата, што укажува на краткотрајно фекално загадување.
Надлежните соопштија дека ќе продолжат со повторно земање мостри од морската вода сè додека анализите не потврдат дека загадувањето е целосно отстрането и водата повторно е безбедна за капење.
За случајот се известени Инспекторатот за заштита на животната средина и другите надлежни инспекциски служби, кои ќе спроведат истрага за да се утврди причината за загадувањето.
Анализите ги извршил Институтот за јавно здравје на Дубровничко-неретванската жупанија, од каде што соопштија дека измерените вредности ја надминуваат дозволената граница за безбедно капење.
Властите апелираат до граѓаните и туристите да ги почитуваат препораките и да не влегуваат во морето сè додека не бидат објавени нови резултати што ќе потврдат дека водата повторно е безбедна.









