ПРВ.мк
Македонија

Рекорден број боледувања во Македонија: Системот ќе се менува, еве кои ќе бидат новите правила

Рекорден број боледувања во Македонија: Системот ќе се менува, еве кои ќе бидат новите правила

Во организација на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), денеска во Владата се одржа работилница посветена на унапредување на системот за управување со боледувањата во Македонија.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, истакна дека целта е да се намали административниот товар за граѓаните и здравствените работници, но истовремено да се зајакнат контролите таму каде што постои ризик од злоупотреби.

На работилницата за првпат беа презентирани интегрирани податоци од системот „Мој термин“ за кратките и долгите боледувања. Според нив, во 2025 година биле евидентирани повеќе од 300.000 боледувања, што претставува зголемување од 33 проценти во споредба со 2021 година.

Податоците покажуваат дека бројот на лица кои користеле боледување се зголемил за околу 6 проценти, додека просечниот број боледувања по осигуреник пораснал од 1,8 на 2,3.

Клековски потсети дека правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година, оценувајќи дека е потребен посовремен и посеопфатен систем во кој ќе бидат вклучени Фондот за здравствено осигурување, системот „Мој термин“ и останатите релевантни институции.

На работилницата учествуваа претставници на лекарските здруженија, експерти од Словенија, како и претставници на синдикатите, работодавачите, стопанските комори и повеќе државни институции, кои разговараа за можните решенија за поефикасно управување со системот за боледувања.