Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Советот на Општина Куманово, денеска ја потврди својата кандидатура за советничка листа во име на партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија за претстојните локални избори.
Во своето обраќање, таа нагласи дека функцијата советник не ја гледа како привилегија, туку како голема одговорност. „Ретко носам штикли, секогаш сум во патики и постојано на терен со граѓаните“, изјави Ѓорѓиевска, потенцирајќи дека постојано била со сограѓаните и активно присутна на настани и теренски активности.
На листата, според неа, има многу млади лица кои сакаат да се вклучат во политиката и да придонесат за Куманово. Таа нагласи дека иднината на градот зависи од одлуките на советот и затоа е важно во него да има луѓе кои се блиску до народот.
Ѓорѓиевска додаде дека и во новиот состав ќе продолжи да негува коректен однос со колегите советници и градоначалникот, водејќи исклучително позитивна кампања без поделби меѓу граѓаните. „Кумановци се мој приоритет и ќе останат такви и во оваа кампања и понатаму“, порача таа.