ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Ќе се наплаќа паркирањето во Велес - еве од кога и дали кончено ќе се реши проблемот со паркинг места!

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Ќе се наплаќа паркирањето во Велес - еве од кога и дали кончено ќе се реши проблемот со паркинг места!

Од септември повторно ќе започне наплатата на паркирањето во централното градско подрачје на Велес, најави градоначалникот Марко Колев. Пред новиот режим да стапи во сила, потребно е Советот на Општина Велес да донесе одлука со која официјално ќе се овозможи повторното воведување на платениот паркинг.

Системот за наплата беше укинат во 2021 година, кога новиот состав на Советот донесе одлука привремено да ја прекине оваа практика. Во тој период беше истакнато дека станува збор за привремена мерка и дека платениот паркинг ќе биде повторно воведен кога ќе се создадат соодветни услови за негово функционирање. Пред укинувањето, системот беше во функција околу пет месеци.

Во меѓувреме, општинските служби веќе започнале со подготовките за новиот режим. Преку јавното претпријатие се врши обележување на паркинг-местата на повеќе локации, а најавено е дека воведувањето на наплатата ќе се реализира по фази.

Според градоначалникот Колев, целта на оваа мерка е да се воведе поголем ред во сообраќајот и да се намали хаосот со паркирањето во центарот на градот, каде со години граѓаните се соочуваат со недостиг на слободни места и непрописно паркирани возила.

Со новата одлука, покрај постојните, во системот ќе бидат вклучени и новоизградените паркинзи, а во иднина ќе стане дел од него и подземната катна гаража, по нејзиното завршување и пуштање во употреба.

Општината очекува дека со повторното воведување на платениот паркинг ќе се овозможи подобра организација на сообраќајот, поголема достапност на паркинг-места за граѓаните и поефикасно користење на јавниот простор во централното градско подрачје.