ПРВ.мк
Македонија

Голема заплена на Табановце: Царината откри 64.250 непријавени евра

Голема заплена на Табановце: Царината откри 64.250 непријавени евра

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за нелегален внес на девизи во државата, при што биле одземени 64.250 евра.

Како што информира Царинската управа, случајот бил откриен при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин. При влез во Македонија, патникот пријавил дека носи 60.000 евра и приложил соодветна документација издадена при влез во Србија.

Поради сомнежи во точноста на неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициски службеник на Фронтекс, извршиле детална контрола на возилото и патникот. При претресот биле пронајдени вкупно 124.250 евра.

Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека останатите 64.250 евра биле привремено одземени. Против него е поведена прекршочна постапка пред надлежниот суд.

Од Царинската управа посочуваат дека од почетокот на 2026 година досега се евидентирани 30 случаи на нелегален пренос на девизи. Во тие случаи се запленети вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.