Денеска беше означен почетокот на голема странска инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1, каде турската компанија „Чагатај Кабло“ започнува со изградба на нов современ производствен погон со вкупна вредност од 6 милиони евра. Оваа инвестиција носи огромен потенцијал за економски раст во земјата, бидејќи ќе обезбеди до 200 нови работни места, а во наредниот период се очекува бројот на вработени да достигне и до 500.
Новата фабрика ќе се простира на импресивни 10.000 квадратни метри и ќе користи најсовремени технологии за производство, со што „Чагатај Кабло“ дополнително го зголемува својот капацитет и ја зацврстува својата позиција во македонската индустриска зона.
На отворањето, премиерот Христијан Мицкоски истакна: „Ова не е само добар почеток за компанијата, туку и за целата локална заедница, националната економија и иднината на младите луѓе кои сакаат да останат во Македонија. Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности – каде трудот се вреднува, каде инвестициите имаат смисла и каде институциите се партнери на бизнисот, а не пречка.“