ПРВ.мк
Македонија

Голема промена во транспортот: Еве кога може да стартува железничката линија Скопје–Приштина

Голема промена во транспортот: Еве кога може да стартува железничката линија Скопје–Приштина

Железничката линија меѓу Скопје и Приштина се очекува целосно да профункционира до крајот на 2027 година, доколку работите на косовската страна се одвиваат според планираната динамика.

Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, според кого клучно е Косово да ја заврши модернизацијата на својот дел од железничката инфраструктура и да го пробие последниот тунел.

Откако ќе бидат завршени тие активности, на македонска страна ќе бидат потребни дополнителни четири до шест месеци за комплетирање на неопходните работи.

Според најавите, новата железничка врска треба да овозможи патување од центарот на Приштина до центарот на Скопје за околу 50 минути.

Дел од железничката инфраструктура на македонска територија ќе има значење и за развојот на идниот градски воз во Скопје.

По линијата Зелениково–Нова железничка, во план се уште две траси – од Нова железничка кон Волково и Ѓорче Петров, како и од Нова железничка кон Илинден и Агино Село.

Николоски посочи дека железничкото поврзување со Косово треба да придонесе и за растоварување на патниот сообраќај кон Скопје.

Според податоците што ги изнесе, околу 40 проценти од возилата што влегуваат во главниот град доаѓаат од северниот правец, а дневно кон и од Косово сообраќаат повеќе од 10.000 возила.

Очекувањата се дека брзата железничка врска ќе мотивира дел од патниците наместо автомобил да користат воз, со што би се намалиле сообраќајниот метеж и емисиите од патниот транспорт.

Доколку предвидените рокови бидат испочитувани, Скопје и Приштина до крајот на следната година би требало повторно да добијат редовно железничко поврзување.